Померој: НАТО ќе биде посилна алијанса со Македонија

Your browser doesn’t support HTML5

Поранешниот конгресмен Ерл Померој го толкува учеството на потпретседателот на САД на Јадранската конференција

Потпретседателот Мајк Пенс не можеше да биде појасен во неговата порака дека САД имаат огромен интерес за позитивен напредок на државите од Западен Балкан, вели поранешниот конгресмен Ерл Померој, по повод денешната посета на Пенс во Подгорица, Црна Гора.

„Тоа што тој отиде на Јадранската конференција, чиј кодомаќин беше Македонија, во многу бурно време во САД, покажува дека постои значителна загриженост во нашата држава. Знаеме дека Русија се обидува да влијае во домашната политика на државите од Западен Балкан. Тоа е сериозна работа и нам не ни се допаѓа. Нивото на руското мешање е значително големо, што е и причина за ова патување на Пенс во Европа“, рече Померој.

Според него, потпретседателот јасно го адресирал агресивното мешање од Русите во овој регион, нагласувајќи дека САД тоа нема да го толерираат.

„Имате потпретседател на САД кој оди во овој регион и кажува дека Русија се меша во политичките системи на државите на Западниот Балакан. Тој понуди пријателски совет дека иднината на Западниот Балкан, вклучувајќи ја и на Македонија, изгледа посветла ориентирана кон Западот, НАТО и кон ЕУ. Верувам дека поддршката од САД ќе остане постојана“, смета Померој.

Од македонска страна, Померој вели дека лидерството ја позиционира државата на вистинскиот пат.

„Чекорите преземени од новата Влада, дури и да влезе под привремено име, се огромна индикација дека Македонија е подготвена да стане полноправна членка на Алијансата“, изјави Померој.

Како пример за поддршката на САД на Македонија, Померој ги истакна заедничките вежби на Армиите на двете држави, кои сега се одвиваат на Криволак.