Билатералката со Мајк Пенс ќе трае околу 10 минути, а во македонската делегација ќе бидат премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Лика, министрите за одбрана и надворешни работи Шеќеринска и Димитров, како и пратеникот Пендаровски. Средбата ќе биде прва на новата власт со врвни претставници на администрацијата на Доналд Трамп. Пенс, според најавите, ќе ја реафирмира американската поддршка за целиот регион, како и евроатлантската иднина на Балканот.
Предвидувањата на соговорниците на Гласот на Америка се дека потрпетседателот Пенс ќе прати пораки и во однос на Русија, како и нејзините обиди за посериозно присуство во овој дел од Европа. Таквите проценки нашите извори ги темелат на фактот дека европската турнеја на американскиот потпретседател ги опфати балтичките земји, Грузија и Балканот, точки што се сметаат за невралгични кога станува збор за надворешните политики, како и економското влијание на Москва.
Што Македонија ќе му каже на Пенс?
„Сигурно ќе ја искористам приликата со потпретседателот Пенс да поразговарам за нашите идни планови, но и да продолжам да ја барам поддршката од САД, како и од другите челник на НАТО, за конечно Македонија да го направи тој долгоочекуван чекор, а тоа е полноправно членство во НАТО“, изјави премиерот Зоран Заев.
Според претставници на американската администрација, посетата на Пенс е знак на посветеност на Вашингтон на регионот.
„Апсолутно да, и тоа јасно ќе го видите при посетата на потпретседателот Пенс на Црна Гора, каде ќе се сретне со премиерот и со другите членки на Јадранската група. Тој ќе ја покаже нашата посветеност на Западниот Балкан и аспирациите за негово интегрирање во евроатлантските институции“, изјави амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли.
Утре во Подгорица на иста маса со американскиот потпретседател, ќе седнат премиерите на 8 земји од регионот, формат на средба што одамна не се случила на Балканот.